Skip Navigation LinksПочетна / Медиа / Детали за новост

Подобрување на социо-економската положба на младите преку градење на локалните капацитети

23.06.2016

Денес, 23-ти (четврток) и утре 24-ти (петок) јуни 2016 година во Етно Село, во Куманово, се одржува дводневна обука за градење на локални капацитети за креирање на младински политики, како дел од активностите на проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики”, финансиран од Европската Унија.
Настанот го отворија г-а Софија Цали Кузманова од Фондација за Претприемачки сервис за млади и г-а Данијела Петрушева Андонова од Фондација Евро Центар – Старо Нагоричане. Двете организации се имплементатори на проектот, во соработка со општините Чашка, Пробиштип и Старо Нагоричане. Во официјалното отворање на настанот поздравен говор одржа и Градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, г-динот Милован Стојковски.
На обуката учествуваат 20 претставници од локалните граѓански организации и трите општини.


Главна цел на обуката е градење на капацитетите на младинските организации и локалната самоуправа за обезбедување на висок степен на младинско учество и простор за развој на младински политики на локално ниво.
Во официјалното отворање на настанот, проектниот менаџер г-а Софија Цали Кузманова изјави: „Резултатите од обуката ќе придонесат кон остварување на мисијата на проектот да ја зајакне соработката меѓу граѓанските организации и креаторите на локалните политики, со цел дефинирање мерки кои придонесуваат кон подобрена социо-економска положба на младите луѓе во државата.“. Воедно, таа посочи дека идните проектни активности ќе понудат и други бројни можности за граѓанските организации и претставниците на општините.

Проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики”, финансиран од Европската Унија, започна со утврдување на проблемите и потребите кои ја ограничуваат економската независност на младите во тритe општини (Општина Пробиштип, Општина Чашка и Општина Старо Нагоричане) со цел поставување на појдовна точка од која граѓанските организации и креаторите на младинските политики ќе ги насочат заедничките напори кон дефинирање на соодветни политики и мерки кои ќе бидат во согласност со приоритетите на Националната Стратегија за Млади.
Од сетот на мерки кои ќе бидат дефинирани, трите општини ќе бидат директни корисници на шест пилотирани мерки кои директно ќе се насочени кон подобруваше на состојбата на младите кои живеат во овие општини. Мерките ќе се имплементираат од страна на граѓанските организации кои работат во истите општини, а ќе се финансираат преку грантови од проектот.
Проектот исто така предвидува формирање на три заеднички форуми составени од претставници на општините, граѓанските организации и млади луѓе кои ќе бидат фокусирани кон дефинирање и следење на имплементација на локалните мерки. Исто така ќе се одржат и три јавни дебати со цел да се промовираат мерките кои ќе се пилотираат.

Заинтересираните може да најдат повеќе информации за проектот на www.yes-network.org.