Skip Navigation LinksПочетна / Медиа / Детали за новост

Започна кампањата за промоција на мултиетничко претприемништво „И јас сум претприемач“

18.09.2017


 

Со одржувањето на трибината „Промоција на мултиетничко претприемништво – И јас сум претприемач“, на 15.09.2017 (петок), од 12:00 до 14:00 часот, во Хотел и спа „Парк“ во Скопје, се одбележа почетокот на истоимената кампања за промоција на мултиетничкото претприемништво „И јас сум претприемач“. Мотото на кампањата е: „Бизнис си е бизнис. Заедно ja градиме нашата иднина. Заедно за успех!“. Настанот и кампањата се дел од проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи”, финансиран од Европската унија.

Трибината која се одржа изминатиов петок вклучи 40 млади претприемачи од немнозински етнички групи, на возраст од 18 до 40 години, како и релевантни претставници на институциите, Агенцијата за вработување на Р. Македонија и Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Организатор на настанот беше Фондација Претприемачки сервис за млади (ПСМ Фондација).
Проектниот менаџер Александар Филипоски од ПСМ Фондација, го означи почетокот на кампањата „И јас сум претприемач“ и ги објасни целите и активностите, како и проектниот фокус – да се оствари придонес кон развојот на мултикултурната демократија и стабилноста во земјата, преку унапредување на капацитетите на младинските граѓански организации и младите претприемачи од различни етнички заедници, промовирајќи го претприемништвото како заедничка перспектива на младите. Проектниот асистент Оливера Аритоноска од ПСМ Фондација, пак, ја претстави истражувачката студија за мултиетничко претприемништво, како и добри претприемачки пракси спроведени во рамки на локалните граѓански акции за подобрување на младинското претприемништво и мултиетничката соработка, дел од проектот „Заедно за успех“.

Г-а Магдалена Бунтеска од Агенција за вработување на Република Македонија и координатор на компонента Ц „Обука и советување за претприемништво“ ЕУ-ИПА проект „Поддршка за вработување на млади“, акцентот го стави на дел од мерките за вработување и видови на поддршка, можности за стекнување со основни знаења и работни вештини. Г-дин Џелал Хоџиќ, пак, зборуваше за политиките на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и за добри пракси за лобирање, вмрежување и соработка на припадници на немнозинските етнички заедници. Како заклучок тој додаде дека агенцијата во иднина може да се гледа како партнер во рамки на промоцијата на мултиетничкото претприемништво, со цел активно мапирање и побрзо решавање на проблемите на младите луѓе во доменот на претприемништвото.
По презентациите, дел од трибината беше предвиден за отворена дискусија и размена на добри пракси, идеи, предлог-мерки, акции и идни чекори за стимулирање на мултиетничката соработка и младинското претприемништво, од страна на учесниците.

Исклучително динамичната дискусија доведе до корисни сознанија, како тоа дека:
 - Голем дел од младите луѓе се плашат од преземањето на потребните чекори за отворање свој бизнис,
 - Потребно е активно синхронизирање на легислативата за одредени прашања поврзани со бизнис поддршката,
- Треба да се истражи искористеноста на достапните грантови за поддршка, како и начини за нивно приближување до претприемачите од сите етнички групи,
- Постои голема нелојална конкуренција која претставува проблем за оние кои отвораат нови бизниси, потенцираа сериските претприемачи во публиката.
Како позитивен аспект беа истакнати различните мултиетнички култури во нашата држава, како и нивното влијание на бизнисите и бизнис соработката. Беше идентификувано потребно намалување на бариерите кои постојат, како и унапредување на мултиетничката соработка за одржлив економски раст.

Кампањата „И јас сум претприемач“ ќе вклучи уште пет настани за вмрежување на младите од различни немнозински етнички заедници и релевантни претставници на институциите за нивна поддршка во неколку различни градови на земјата, со цел запознавање, овозможување отворен простор за дискусија и секако, вмрежување. Очекуваните резултати од кампањата се:
- Унапредени сознанија за предлог-мерки и добри пракси наменети за раст, развој и напредок на бизнисот,
- Промоција на претприемништвото како заедничка перспектива за младите луѓе од различни етнички заедници,
- Зголемена ефикасност на мерките и иницијативите за бизнис поддршка, како и
- Подобрена мултиетничка соработка.

Во рамки на промотивната кампања за промоција на мултиетничкото претприемништво „И јас сум претприемач“ се изработува и документарен филм за успешни претприемачки искуства од територијата на целата земја кои беа стимулирани преку проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи” финансиран од Европската унија.

Проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи”, финансиран од Европската унија, го имплементираат Фондација Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Фондација Евро Центар и Здружение на граѓани Милениум.