Skip Navigation LinksПочетна / Медиа / Детали за новост

Меѓународна конференција и Б2Б вмрежување Breaking circular economy barriers - GO CIRCULAR

25.11.2022

 

На 23 и 24 ноември во Хотел Dоuble Tree by Hilton се одржа меѓународна конференција за стимулирање и забрзување на транзицијата кон циркуларна економија во организација на Фондација Претприемачки Сервис за Млади и Фондација за Менаџмент и индустриско истражување.

 

Интернационални и компании од Западен Балкан, експерти од научната област и релевантни стеикхолдери учествуваа во панел дискусии, презентации и работилници поврзани со циркуларната економија и примената на одржливиот принцип во функционирањето на бизнис процесите.

 

Беа дискутирани транзицијата кон циркуларната економија како процес кој би требало да ги вклучи сите релевантни ентитети кои би помогнале во креирање, имплементирање и мониторирање при трансформацијата од линеарна кон циркуларна економија. Истовремено, беше истакнато дека треба да се креира соработка на кооперативни основи кои би ги инволвирала јавниот и приватниот сектор, а како би се овозможило целосно искористување на потенцијалите и бенефитите од циркуларната економија.

 

Меѓу другото, беше нагласено дека оваа траснформација би се состоела од повеќе чекори како стратешки пристапи: примена на мотивирачки тактики, стимулирање на технички, социјални и институционални иновации; генерирање информации преку собирање податоци, знаења и капацитети.

 

  

 

Конференцијата ја отвори Емилија Андонова, проектен менаџер во Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, а воведен говор одржа Александар Филипоски, извршен директор на ПСМ Фондација. Потоа, онлајн обраќање имаше Александра Миладиновиќ од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) која ги образложи стратегиските приоретити и начинот на поддршка на ЕБОР. 

 

 

 

За време на првиот панел, Ана Петровска од Министерството за животна средина и просторно планирање говореше за воведената можност да се воспостават системите за проширена одговорност на производителот и во дополнителни текови на отпад како што се: отпадните автомобили со чија селекција и одделување на материите не секогаш се постапува на соодветно безбеден начин со оглед што во голем процент се работи за опасен отпад; текстилниот отпад кој исто така прави голем проблем на депониите доколку несоодветно се одложи; отпадните гуми итн. “Дополнително, во однос на спроведување на принципите на циркуларната економија, воведена е можноста да се воспостави Регистар на секундарни суровини, односно регистрирање на одредена суспстанца/материја/производ којшто настанува во процесот на производството, а нема карактер на отпад и може безбедно да се преработи во секундарен производ - да се заведе како секундарна суровина во Регистарот кој би бил достапен на други индустрии и други преработувачки капацитети кои би можеле да се информираат за постоењето на таа секундарна суровина и нејзината ре-употреба.” 

 

 

Andrew Keys од Circle Economy прикажа добри практики и примери од своето повеќегодишно искуство во областа, но и ги објасни четирите клучни принципи преку кои може да биде перцепирана циркуларната економија. 

 

 

Милена Рмуш од Стопанската комора на Црна Гора ги објасни усвоените стратегии и креираните документи кои ќе го олеснат патот на Црна Гора кон успешното воведување на циркулатната економија во земјата, вклучувајќи ги петте главни сектори од интерес: систем за храна, шумски систем, изградена средина, производствен сектор и туристички сектор. 

 

 

Martin Snijder од EIT Climate-KIC нагласи дека една од причините зошто транзицијата од линеарна кон циркуларна економија се одвива со толку успорено темпо е фактот што многу од активностите кон трансформацијата се базираат на сфаќањето на процесот како еден вид на проект, која спротивно на тоа може да биде успешно забрзана само доколку се одвива преку воведување иновации во системите.

 

Во однос на онлајн излагањето на Слободан Станковиќ од Стопанската комора на Република Српска, слушнавме за значењето на биомасата како потенцијален извор на одржлив развој во Босна и Херцеговина. Во прашање е биомаса поврзана со т.н. шумска биомаса која се состои од стебла, остатоци од сеча и индустриско отпадно дрво, како и земјоделска биомаса, односно нуспроизводи од едногодишни култури, резидба и нуспроизводи од сточарско производство.

 

  

 

Марина Рубен и Соња Ингилизова од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) говореа за структурираните програми преку кои ги поддржуваат, финансираат, но пред сè поврзуваат македонските компании со локални и интернационални консултанти во различни области (вклучително и во областа на циркуларната економија), за на тој начин да помогнат во растот и развојот на бизнисите, со посебен фокус на Програмите за жени во бизнисот, Програмата за млади во бизнис и Програмата наменета за стартапи, акцелератори и локални консултанти. Детали беа споделени и за критериумите, видовите на проекти и начинот за аплицирање.  

 

 

Според Mark Barrett од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH:

 

“Сè се движи преку приватниот сектор. Може да постои легислатива, може да постои иницијатива од владата и сè останато, но вистинските пари, вистинската работа и вистинските промени треба да се случуваат во приватниот сектор (и тоа е она за кое се залагаме и кое го поддржуваме). Кога ги гледаме компаниите со коишто сакаме да работиме, има бројни области кои ги набљудуваме: иновацијата е важна, но исто така треба и да го подобри бизнисот и тоа не само во однос на циркуларната економија, туку исто така треба да го подобри бизнисот од аспект на финансиска одржливост. Затоа е важно да работиме со бизниси кои имаат потенцијал за раст, кои нудат подобри работни места и кои го зголемуваат квалитетот и обемот на економска активност. Но, една од клучните компоненти е тие да придонесуваат кон циркуларната економија како дел од процесот”

 

Уште еден интернационален претставник од ЕБОР беше проследен и како дел од Онлајн работилницата, за време на која Pitusa Bolano, EBRD ја објасни потребата од иновативни бизнис модели и одржливост при примената на принципите на циркуларна економија во текстилната индустрија.

 

Последниот панел беше составен од учесници кои презентираа добри практики и позитивни искуства од работењето на нивните компании во доменот на циркуларната економија.

 

 

 

Филип Ивановски од Пакомак ги сподели целите на компанијата и идните планови во доменот на паметните сензори за управување со отпад кои ќе информираат за локацијата и нивото на исполнетост на контејнерите.

 

Во нивното онлајн обраќање, Fabrizia Salvi и Luca Mercatelli од Area Science Park зборуваа за начинот на кој овој научен и технолошки и иновативен парк функционира во домените на науката и истражувањето, како и во генерираањето нови бизнис идеи. Посочени беа примери за примена на циркуларните принципи во различни дејности - меѓу кои и туристичкиот сектор промовирајќи го пристапот на “помалку консумирање и поинакво произведување”.

 

Roman Gdovjak од CYRKL се вклучи онлајн за да го презентира начинот на кој тие ги поврзуваат релевантните бизнис партнери преку дигиталната платформа за трговија и управување со отпад од различни индустрии. 

 

 

Софија Дацева од WISE Group Ltd. го објасни развојот на иновативен технолошки процес за преработка на комиње во прехранбен адитив со повеќебројни бенефиции во вид на антиоксиданти и диетални влакна. 

 

 

Marek Kuźmiński и Adrianna Piasek од Ecobean го детализираа начинот на кој тие го ре-употребуваат талогот од кафе во најчести случаи продуциран од кафе баровите или слични локалитети, а која биомаса со помош на иновативни решенија ја трансформираат во сосема нови производи, на тој начин редуцирајќи го “јаглеродниот отпечаток” во целиот ланец за најмалку 20%.

 

Онлајн вклучување имавме и од Carolina Innella од ENEA-Italian National Agency for New Technologies, Energy and Sustainable Economic Development, која ја потенцираше мултидисциплинарната димензија на циркуларната економија. Таа исто така сподели информации и корисни линкови до мрежи за мулти-стеикхолдер дијалог и размена на добри практики во ЕУ. 

 

 

Оливер Тасевски од МИТ Груп Компани сподели искуства за заштеда на 7200 т/год. емисија на CO2 преку рециклирање на 1800 т хартија и картон.

 

Во текот на вториот ден кој беше предвиден за Б2Б поврзување беа реализирани 58 билатерални состаноци со компании од Европската унија за бизнис соработки и синергии во областа на истражувањето и развојот.

 

Се заклучи дека иако концептот сè уште не еволуирал до очекуваното ниво во однос на навиките на купувачите/потрошувачите, се прават постојани напори за зголемување на свесноста (особено кај малите и средни бизниси) за планирање, креирање, и дизајнирање на производи применувајќи “зелени” и одржливи тактики како една од главните карактеристики на циркуларната економија.